Развојот на земјоделството е стратешки приоритет на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, изјави денеска Марија Андоновска, претставничка на партијата, на прес-конференција посветена на земјоделската политика.

„Земјоделците се клучни за руралниот развој и економската стабилност на државата. Затоа оваа Влада е нивен најголем поддржувач и партнер“, истакна Андоновска.

Таа нагласи дека апатичноста и негрижата на претходната власт веќе се минато, и дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 15 месеци исплатила над 11 милијарди денари за заостанати и тековни субвенции, од кои корист имале 70.000 земјоделци.

Дополнително, активирани се системите за наводнување, а во подрачните канцеларии на Министерството за земјоделство започна доделување на картички за зелена нафта – мерка која опфаќа околу 46.000 земјоделци, со вкупна вредност од 540 милиони денари.

Андоновска посочи и дека оваа година е утврдена рекордна откупна цена за најзастапените вински сорти грозје: Вранец – 21,3 денари/кг и Смедеревка – 18,9 денари/кг. За првпат, пченицата од прва и втора класа се откупуваше по 12 денари/кг, плус транспортни трошоци и ДДВ што го покриваат мелничарите.

„За првпат ќе се откупува домашна пченица за државните стоковни резерви – 9.000 тони меркантилна пченица од реколтата 2025 по цена од 13 денари/кг, без ДДВ“, најави Андоновска.

Таа ја претстави и новата кампања „Македонско најдобро“, насочена кон поддршка на домашните производи и преработувачи, како и мерката 50-50 за кофинансирање на набавка на модерна земјоделска механизација.

Во однос на младите земјоделци, Андоновска информираше дека на јавниот повик пристигнале 254 апликации, од кои се одобрени 117.

На крајот од своето обраќање, Андоновска порача:

„ВМРО-ДПМНЕ ги враќа достоинството и сигурноста на македонскиот земјоделец. Продолжуваме со поддршка и развој. ВМРО-ДПМНЕ е вистинскиот избор за твојата иднина.“

Leave A Reply

Exit mobile version