Ана Попризова: Јавното говорење на жртвите од „Јавна соба“ им помага на останатите, но има и лекувачка улога за самите жртви кои прозборуваат
Јавното зборување за оваа тема од страна на други жртви е клучно за чувството дека нe се сами во ова и дека еден начин за справување е објавување јавно на своето искуство, за да им помогнам и на другите. Ова има лекувачка улога и за самите жртви кои прозборуваат, бидејќи прават нешто да се изборат со состојбата и за останатите кои го следат тоа, вели Ана Попризова училишниот психолот во скопската гимназија „Орце Николов“ во изјава за Прес24.
Попризова е првиот психолот кој јавно на средношколките жртви од групата „Јавна соба“ им понуди психолошка помош.
Објавувањето на лични податоци и фотографии од малолетни девојчиња може да има сериозни последици врз нивниот развој. Попризова вели дека при секое отворање на овие теми во јавноста кај жртвите можни се појави на пострауматско стресно нарушување и ретрауматизација.
Сексуалното образование е клучно за и девојчињата и момчињата да ги добијат потребните информации за доминантните родови стереотипи, каркатеристиките на развојот кај младите, партнерските релации и сл.
Прес24: Најпрво би ве прашал за жртвите. Какви трауми и последици малолетните девојчиња можат да имаат од објавувањето на нивните лични податоци и фотографии во групата „Јавна соба“?
Попризова: Поаѓајќи од фактот дека жртвите се малолетни, а овој период на адолесценција е многу значаен и бурен за секоја млада личност, последиците можат да бидат сериозни.
Почнувајќи од стравови, фобии, ноќни мори, депресивни состојби, анксиозност, проблеми со концентрација, ниска самодоверба, сексуални проблеми, суицидни мисли, пост – трауматски пореметувања. Многу често на ова се надоврзуваат и ризични однесувања доколку личноста на изнајде начини да се справи со состојбата или не побара помош.
Ваквата виктимизација може да доведе до промена во развојот на сликата за себе, сопствената сексуалност, довербата во идните партнери во критичните години на развој. При секое одново појавување во јавност и отворање на овие теми се можни појава на пострауматско стресно нарушување и ретрауматизација, бидејќи личноста се потсетува на случките од минатото и одново ги проживува со ист интензитет како да се случуваат во реалноста.
Секако дека е зафатен и социјалниот живот на единката, таа е многу често јавно изложена на осуда, ја напуштаат блиски пријатели, ја осудува понекогаш и семејството или роднините. Личноста останува сама или со сосема намалена мрежа на контакти и поддршка. Ова доведува и до повлекување и изолирање од јавноста. .
Прес24: Како најблиските, родителите и пријателите можат да им помогнат на жртвите и што би требало тие да направат во ваков случај?
Попризова: Многу е значајно родителите и пријателите да не ги осудат жртвите, туку да им покажат дека се тука за нив, дека ги поддржуваат, дека ги прифаќаат и дека се спремни да им помогнат.
Прес24: Неколку девојки се одлучија јавно да проговорат за „искуството“ откако нивните податоци беа објавени во „Јавна соба“. Дали токму ваквите сведоштва можат да им помогнат на жртвите во смисла дека не се сами и не се единствени чии податоци се злоупотребени?
Попризова: Јавното зборување за оваа тема од страна на други жртви е клучно за чувството дека нe се сами во ова и дека еден начин за справување е објавување јавно на своето искуство, за да им помогнам и на другите. Ова има лекувачка улога и за самите жртви кои прозборуваат, бидејќи прават нешто да се изборат со состојбата и за останатите кои го следат тоа. На овој начин се менува и перцепцијата во јавноста и можеби има шанса да се надминат и некои стереотипи.
Прес24: Коментарите кои можат да се прочитаат на социјалните мрежи се доста поделени. Од поддршка до обвинувања за девојките дека сами си се криви поради тоа што објавувале провокативни фотографии или праќале експлицитни слики на свои познаници. Во денешно време многу тешко е да се остане имун и да не се читаат коментари на социјалните мрежи, без разлика дали тие се позитивни или негативни. Како овие негативни коментари по социјалните мрежи би можеле да влијаат врз жртвите и дали би можеле да ги обесхрабрат?
Попризова: Говорот кој е присутен на социјалните мрежи е исполнет со вулганост, непостоење на култура на дијалог, размена на аргументи и сл. Кај нас се забележува многу ниска толеранција на фрустрација наспроти соговорникот и можете да забележите дека соговорниците се толку агресивини, поделени по различни основи, што всушност се работи само за размена на вулгарности и навреди.
Социјалните мрежи се само платно за проекција на предрасудите, стравовите и фрустрациите на членовите. Не се случило некој да промени став или да победи силината на аргументот во некоја дебата. За ова треба да постои взаемна почит, разбирање на позицијата на другиот и отовреност за промена на ставовите. Далеку сме од тоа.
Истото ова се применува и кај жртвите кон кои се користат навреди и омаловажувања во сексуална конотација. Секако дека ова не е пријатно за никого и може да има сериозни последици по жртвата и да ја обесхрабри.
Прес24: И за крај, каков совет би им дале на девојчињата за да го заштитат својот идентитет во време на интернет, социјални мрежи и инстант-интернет популарност?
Попризова: Сметам дека современиот начин на комуникација е многу поинаков отколку оној во минатото, и дека сите како општество преку образование и кампањи треба да работиме на развивање на свесноста за безбедно користење на податоци на интернет кај сите возрасни групи, а особено кај младите.
Сексуалното образование преку кое би ги отвориле темите за доминантните родови стереотипи, каркатеристиките на развојот кај младите, партнерските релации и сл. се начинот на кој можеме да делуваме и девојчињата и момчињата да имаат повеќе информации, да бидат подобро запознаени за периодот низ кој минуваат и да можат да прават свесни избори за себе во иднина. Јас дуг начин освен образование не познавам. Секако верувам дека може да се направи нешто и на полето на работа на полицијата и правосудството.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа