Дали ВЛЕН ќе добие еден член повеќе или ќе остане со шестмина во Владата, е дел од преговорите меѓу владините партнери, вели министерот за здравство Азир Алиу во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.

„360 степени“: Можно ли е Беким Сали да биде нов ресорен министер, на пример, за европски прашања, на местото на Орхан Муртезани, и од таа позиција евентуално да биде вицепремиер, или можеби некој друг од министрите на ВЛЕН ќе биде вицепремиер?

Алиу: Освен договор во којшто е креирана таа владина структура, исто така ние имаме и договор, бидејќи ВЛЕН е, нели, составена од четири политички партии, внатре исто така поделена структура на политички позиции, директорски, заменик-министри и така натаму. И ценам дека имајќи ги предвид внатрешните структури, поделбата внатре во самиот ВЛЕН, исто така имајќи го предвид тој договор што го имаме со ВМРО-ДПМНЕ за креирање на владата, веќе година и пол активна, ценам дека ќе се најде начин како тоа да се реорганизира. Таа позиција е позиција на Алтернатива, така што тие внатре ќе треба да се организираат за реорганизација или ’свичување’ од еден на друг, на друга позиција на колегите што се дел од од владата.

„360 степени“: Ако добро добро разбирам, не може и Орхан Муртезани и Беким Сали, како кадри на Алтернатива, да водат ресор во Владата?

Алиу: Разговорите се во тек, ценам дека за два-три дена, максимум четири, ќе имаме резултати и ќе видиме која структура на новата, да кажеме после локалните избори, организација ќе ја имаме.

Алиу потврдува и дека Недим Рама или Мухамед Хоџа можат да бидат нови министри, како кадар од структурата на Изет Меџити.

Алиу: Тоа зависи од нив кој ќе одлучат. Се спомнуваат и двајцата. Сепак, не би било добро јас да давам такви информации, коишто верувам дека сè уште не се конечни како имиња, да не прејудицираме.

„360 степени“: А едно од двете имиња ќе биде министер за животна средина или тоа не е сигурно?

Алиу: Да, да. Тоа е сигурно, за животна средина.

Exit mobile version