Општина Гази Баба веднаш го активираше Кризниот штаб по силното невреме кое попладнево го погоди главниот град. Градоначалникот Бобан Стефковски информираше дека сите надлежни општински служби се веќе излезени на терен за справување со последиците.
Првиот човек на општината упати јавен повик до локалното население веднаш да ги пријави настанатите дефекти и материјални штети во нивните реони.
„Ги повикувам сите граѓани да ги пријават сите последици од невремето – поплавени улици и дворови, паднати дрвја, големи количини на вода, оштетувања на инфраструктурата и сите останати проблеми кои бараат итна интервенција.“
За таа цел, општината ја стави во функција дежурната телефонска линија на бројот 075 239 918, каде граѓаните можат да ги лоцираат проблемите.
Според најавите, комуналните екипи се целосно мобилизирани и ќе работат на расчистување на теренот според однапред утврдени приоритети и реалната состојба низ населбите.
„Заедно, со брза реакција и меѓусебна соработка, ќе ги надминеме последиците од невремето.“, посочи Стефковски.


