Компанијата „Адора“ ќе купи околу 23 илјади квадратни метри државно земјиште покрај кејот на Вардар во Аеродром, веднаш до спортската сала „Јане Сандански“, за нешто повеќе од 66 милиони денари, односно околу еден милион евра, објави „Призма“. Компанијата дала највисока понуда на јавното наддавање, на кое учествувала и фирмата „Битем“.
Според урбанистичкиот план, на парцелата е предвидена изградба на спортски и рекреативни содржини, но дел од просторот може да се искористи и за хотел или објект за собири. Од околу 20 илјади квадратни метри површина предвидена за градба, 60 проценти се наменети за спорт и рекреација, а 40 проценти за комерцијални објекти – хотели и објекти за собири.
Објектите ќе може да имаат максимална висина од 16 метри, односно приземје и три ката.
Почетната цена на јавното наддавање изнесувала 2.032 денари за квадратен метар, а во текот на лицитацијата пораснала на 2.844 денари, или околу 46 евра за квадрат. Во моментов течат роковите за жалба, по што продажбата треба и формално да биде завршена.
Идниот инвеститор има рок од една година да изработи проект и да обезбеди градежна дозвола, додека за реализација на предвидената градба има рок до десет години.
Просторот покрај кејот во Аеродром и Ново Лисиче со урбанистичките планови е предвиден како зона за спортски и рекреативни содржини, но досега ваквата намена не привлекувала поголем интерес кај инвеститорите. „Призма“ претходно објави дека парцелата што сега се продава е целосно во државна сопственост и дека Општина Аеродром ја продава со цел земјиштето да се стави во функција и да обезбеди приходи од продажбата и комуналиите.


