Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, денеска повторно повика на решение со две држави на Блискиот Исток, пренесе ДПА.
„Единствениот одржлив пат кон мирот на Блискиот Исток е решението со две држави, при што Израел и Палестина ќе живеат еден до друг во мир и безбедност“, напиша Гутереш на платформата Икс.
Неговите коментари доаѓаат во време кога ОН го одбележуваат Меѓународниот ден на солидарноста со палестинскиот народ, пренесува германската агенција.
„Палестинскиот народ има право на достоинство, правда и самоопределување“, напиша Гутереш.
ОН „нема да отстапат од својата посветеност кон единствениот одржлив пат напред: решението со две држави, со две независни, суверени, демократски држави – Израел и Палестина – кои живеат една до друга во мир и безбедност“, изјави тој.
Во меѓувреме, според извештаите на израелските медиуми, еден Палестинец загинал во текот на ноќта во Мадама, на Западниот Брег, откако биле фрлани камења кон израелската војска. При тој судир бил ранет и еден офицер на израелските одбранбени сили (ИДФ).
Ситуацијата на Западниот Брег значително се влоши по нападите врз Израел предводени од Хамас на 7 октомври 2023 година, како и по војната во Газа што следеше потоа.
Според палестинското Министерство за здравство, оттогаш се убиени повеќе од 1.100 Палестинци во израелски воени операции, вооружени судири и напади.
Исто така, значително е зголемено насилството од страна на радикални израелски доселеници врз Палестинците и нивниот имот, потсерува ДПА

