Облачно време со повремени врнежи од дожд – локално пообилни со над 30 литри на квадратен метар за 24 часа – и снег на планините се очекува утре во Македонија, при што попладне поради продор на постуден воздух од север врнежите на дел од повисоките места ќе преминат во снег, а ќе дува и северен ветер, наместа засилен до силен во североисточните делови и долж Повардарието.
Во Скопје утре ќе биде облачно со повремен дожд, со можност кон крајот на денот и во текот на ноќта врнежите да преминат во снег, при слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен северен ветер.
Во текот на викендот ќе се задржи облачно и врнежливо време со дожд и снег во некои пониски места и снег на повисоките предели и планините, каде што се очекува нова снежна покривка до 20 сантиметри, а на повисоките места од два до десет сантиметри, додека врнежите ќе престанат во недела кон крајот на денот, а од понеделник следува стабилно и студено време со минимални температури во вторник и среда до -14 степени.

