Вработени во Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) биле затекнати при кражба на поголемо количество нафта од гаражите на претпријатието во Ѓорче Петров, информираше градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Како што објави Ѓорѓиевски, случајот бил откриен вчера вечерта од страна на внатрешната контрола на ЈСП, по што веднаш била повикана полицијата.
Градоначалникот најави дека вработените за кои постојат сомневања ќе бидат отстранети од работа, а очекува и надлежното Обвинителство да отвори постапка и да ја утврди одговорноста.



„Секој литар нафта во тие гаражи е платен со ваши пари, за автобусите на ЈСП да ве однесат на работа, на училиште и дома. Моја обврска е да го чувам секој ваш денар. Кој и да посегне по него, ќе биде санкциониран, без исклучок“, порача Ѓорѓиевски.
Тој оцени дека случајот е показател за проблемите со кои со години се соочувало претпријатието, нагласувајќи дека нема да има толеранција за злоупотреби и незаконско работење.
„Денес, за разлика од минатото, жестоко се постапува против криминалот. За Скопје се бориме со сите сили“, наведува градоначалникот во објавата.

