Маж на возраст од 54 години пред германски суд призна дека работел како шпион за руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), собирајќи информации за лице за кое постоеле сомневања дека соработувало со украинските вооружени сили.
Обвинетиот, кој има руско и украинско државјанство, признанието го дал на почетокот на судскиот процес пред Вишиот регионален суд во Дизелдорф. Неговата изјава била прочитана од неговиот адвокат.
Тој навел дека бил принуден да собира информации за одреден маж во германскиот град Атендорн, но не објаснил кој го принудил да ја преземе таа задача.
Според обвинителството, лицето кое било предмет на следење наводно работело за украинските вооружени сили и во Полска подготвувало украински бегалци за враќање во Украина и нивно учество во војната.
Според обвинителниот акт, осомничениот најмалку од ноември 2025 година, па сè до неговото апсење на 27 март 2026 година, ѝ доставувал информации на руската разузнавачка служба.
При претресот кај него биле пронајдени и одземени три мобилни телефони.
Обвинителството смета дека следењето на лицето можело да послужи како подготовка за понатамошни разузнавачки операции против него на територијата на Германија.
За случајот се предвидени осум судски рочишта, кои треба да се одржат до јануари 2027 година.
Доколку биде прогласен за виновен за шпионажа во корист на странска разузнавачка служба, обвинетиот може да добие затворска казна до 10 години.

