Иднината на Западен Балкан ѝ припаѓа на Европската Унија, но темпото на приближување кон членството ќе зависи од конкретните реформски резултати на секоја земја, се вели во декларацијата усвоена вчера на самитот ЕУ–Западен Балкан во Брисел, со кој претседаваше претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, во присуство на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Во документот, поддржан од сите земји од регионот кои присуствуваа на самитот, се нагласува потребата од забрзување на реформите во владеењето на правото и демократските институции, почитување на малцинските права и медиумските слободи, негување добрососедски односи и отфрлање на глорификацијата на воените злосторници, негирањето на геноцидот и историскиот ревизионизам, објави „Индекс“.
ЕУ ги повика Србија и Косово без одложување да постигнат опиплив напредок во нормализацијата на односите преку дијалогот со европско посредништво, а од сите држави во регионот побара усогласување со надворешната, безбедносната и визната политика на Унијата, како и поблиска соработка против организираниот криминал, кибер-заканите и дезинформациите, со повторена поддршка за Украина.
Посебен акцент беше ставен и на економското приближување преку Планот за раст од 2023 година тежок до шест милијарди евра, кој со услов за спроведени реформи овозможува постепено вклучување во единствениот пазар преку развој на дигитални услуги, побрзи прекугранични плаќања, модернизирани гранични премини и проширување на услугите без дополнителен роаминг.

