Претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, побара Обединетите нации да посветат посебно внимание на положбата и заштитата на македонското национално малцинство во Албанија.
Барањето го упатил на меѓународен состанок со претставници на националните малцинства од целиот свет, одржан во седиштето на ОН во Женева, организиран од специјалниот известувач за прашањата на малцинствата, Николас Леврат.
Стерјовски, обраќајќи се во име на македонската заедница во Албанија, посочил дека Македонците се автохтоно национално малцинство, но и понатаму се соочуваат со предизвици во остварувањето на своите права и зачувувањето на националниот идентитет.
Тој изразил загриженост поради, како што навел, политичките притисоци од Бугарија врз Албанија и обидите за промовирање бугарски идентитет меѓу Македонците преку политичко влијание, финансиски поттици и институционален притисок.
– Неприфатливо е европските аспирации на Албанија да се користат како средство за притисок врз земјата да прифаќа политики што придонесуваат за асимилација на македонското малцинство. Македонците во Албанија не смеат да станат колатерална штета во процесот на европска интеграција на Албанија – истакнал Стерјовски.
Како проблеми со кои се соочува македонската заедница ги издвоил недоволната институционална поддршка за зачувување на македонскиот јазик и култура, ограничените можности за образование на мајчин јазик, како и недоволната политичка застапеност.
Посочил и на депопулацијата, миграцијата, ограничените можности за вработување и недоволните инвестиции во инфраструктурата и локалниот развој, кои, според него, влијаат врз иднината на македонските населени места во Албанија.
Стерјовски побарал специјалниот известувач на ОН, Николас Леврат, да посвети посебно внимание на положбата на Македонците во Албанија и да оствари официјална посета на земјата, при што би се сретнал со претставници на македонската заедница и би ги посетил областите населени со Македонци.
Исто така, побарал Леврат да стапи во контакт со албанските власти и да ги потсети на обврските за заштита на правата на националните малцинства согласно меѓународните стандарди.
– Албанија заслужува европска иднина, а македонското малцинство заслужува да биде рамноправен и почитуван дел од таа иднина – порачал Стерјовски.
Од МАЕИ информираат дека учеството на состанокот било реализирано со поддршка на Македонското меѓународно движење за човекови права од Канада, а целта била прашањето за правата и заштитата на Македонците во Албанија да се актуелизира пред меѓународните институции.

