СДСМ обвинува дека илјадници вработени во културниот сектор се соочуваат со ризик да ги загубат правата загарантирани со Колективниот договор за култура, поради, како што наведуваат, недостиг на средства во Буџетот за негово спроведување.
На денешната прес-конференција, Мирче Најдоски од Комисијата за култура на СДСМ предупреди дека евентуалното укинување на договорот би значело враќање на состојбите пред 2020 година и уназадување на работничките права.
Од СДСМ отвораат прашање дали Владата однапред ја знае одлуката на Уставниот суд, кој утре треба да расправа по предметот со кој е оспорен Колективниот договор за култура.
Од партијата сметаат дека работничките права не смеат да бидат загрозени и дека Уставниот суд мора да одлучува независно од политичките влијанија.
Според СДСМ, Колективниот договор е резултат на долгогодишна синдикална борба, преговори и социјален дијалог, со кој бил подобрен материјалниот и професионалниот статус на илјадници културни работници.
Наместо негово укинување, од партијата бараат целосно спроведување на договорот и гарантирање на стекнатите права. Доколку постојат правни недоречености, велат, Владата треба да понуди законски решенија со кои ќе се заштитат вработените.
СДСМ порачува дека ги поддржува културните работници во нивните активности за заштита на работничките права и бара Колективниот договор за култура да остане во сила.

