На телевизија Канал 5 во емисијата „Само Вистини со Видиновски“ гостуваше Тодор Конески, претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ кој порача дека промените се клучниот показател за актуелната политичка состојба во Македонија, нагласувајќи дека Владата спроведува политики и иницијативи со кои младите се ставаат во фокусот и добиваат можности за подобра иднина во сопствената држава.
„Кога ја коментираме политичката состојба во Македонија клучниот збор којшто треба да го издвоиме е промени, гледаме промени во коишто пред се младиот човек не се чувствува како гостин во својата држава туку како нејзин домаќин, гледаме дека секојдневно се работат иницијативи во коишто младите се во фокусот но и другите политики коишто се спроведени, а младите имаат бенефит од истите, промените се тоа што е клучно и што ја отсликува политичката состојба во Македонија. Исто така мора да потенцираме дека политичката состојбата во оваа држава моментално е многу стабилна, имаме стабилно владино мнозинство, имаме стабилна Влада којашто програмата со којашто има излезено пред граѓаните во 2024 година ја исполнува во добар тек. Промените се случуваат, дефинитивно имаме една структура којашто работи во насока на тоа Македонија како екосистем ја направи место каде што младите ќе имаат шанса за одржлив развој и фер шанса за достоинствен живот“, рече Конески.
Конески посочи и конкретни иницијативи насочени кон подобрување на студентскиот стандард, потенцирајќи дека од 13 студентски иницијативи биле прифатени 10, како и дека се разгледува нов модел за студентски оброк.
„Резултатите од Реформската агенда покажуваат дека сме први со најмногу алоцирани пари од Европската Унија согласно реформските процеси, од 13 студентски иницијативи 10 се прифатени односно студентите и барањата на студентите, понудивме нов модел за студентскиот оброк којшто рековме дека прво ќе го презентираме на студентите откако ќе се произнесат ќе видиме дали истиот ќе биде прифатен или нема, премиерот понуди две нови решенија коишто директно би помогнале при решавање на проблемот со домување, директно ќе се постапи кон решавање на истиот“, дециден е Конески.

