Под влијание на циклонска активност, од вечерните часови денеска па сè до недела времето ќе биде претежно облачно со врнежи од дожд на пониските места, дожд и снег на повисоките и снег на планините, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Поради продор на ладна воздушна маса од север, во текот на викендот на некои од повисоките места врнежите ќе бидат од дожд и снег, а на планините само од снег со формирање нова снежна покривка, при што наместа врнежите ќе бидат пообилни – над 30 литри на квадратен метар за 24 часа, а во целиот период локално и над 80 литри на квадратен метар.
Во Скопје од вечерните часови до недела ќе преовладува претежно облачно време со врнежи од дожд, кои за време на викендот во повисоките делови од котлината ќе преминуваат во снег, додека од почетокот на новата работна седмица се очекува променливо облачно време со сончеви периоди и утрински температури под нулата.

