65-годишен жител на Виница бил приведен откако под дејство на алкохол предизвикал две сообраќајни незгоди и во двата случаи го напуштил местото на настанот.
Првата незгода се случила во селото Јакимово, виничко, каде што со автомобил „форд“ со штипски регистарски таблички удрил во друго паркирано возило од истиот производител, сопственост на жител на Виница, по што продолжил да вози.
Но, тука не застанал. Движејќи се понатаму, удрил и во поставена патна сигнализација и бетонски ѕид, а потоа повторно избегал од местото на незгодата.
По преземените полициски мерки, 65-годишникот бил пронајден и лишен од слобода на 21 ноември околу 22:55 часот во Виница.
При контролата било утврдено дека управувал под дејство на алкохол, а алкотестот покажал дури 2,12 промили.
За случајот бил известен јавен обвинител, а по целосното документирање ќе следува соодветна пријава.

