Предлогот на рускиот претседател Владимир Путин за привремено примирје и хуманитарна евакуација на цивилите од украинскиот град Костјантинивка отвори сериозни дилеми во Киев поради стравувањата дека операцијата може да биде искористена за воено прегрупирање на руските сили.
Иницијативата на Москва предвидува пауза во борбените дејства за извлекување на преостанатото население со присуство на претставници од двете страни и странски медиуми, во услови кога Русија тврди дека го контролира градот, додека Украина ги негира тие наводи и посочува дека судирите сè уште траат.
Воениот аналитичар Олександр Коваленко оценува дека евентуалниот прекин на огнот би ѝ дал простор на руската армија да донесе нови сили и вооружување на фронтот.
„Ако се спроведе таканаречената хуманитарна мисија, тоа би било катастрофа за Киев“, оценува Коваленко во изјава за „Дојче веле“.
Слична резерва изрази и украинскиот претседател Володимир Зеленски, според кого целта на Русија е да ги принуди украинските единици на повлекување за полесно заземање на градот, наведувајќи го претходното примирје во Олешки како пример каде руската војска го искористила затишјето за зајакнување на позициите и дотур на оружје.
Костјантинивка е клучна точка во украинскиот одбранбен појас во Донецката област, па нејзиното евентуално паѓање би го отворило патот за руски продор кон Дружкивка, Краматорск и Словјанск.
Од некогашните околу 70.000 жители пред почетокот на војната, локалните власти проценуваат дека во градот останале уште околу 340 цивили кои преживуваат без редовна вода, струја и гас.
Аналитичарите сметаат дека евакуацијата е итна, но инсистираат таа да се одвива под строг и независен меѓународен мониторинг, со вклучување на Меѓународниот комитет на Црвениот крст и целосна забрана за движење на војска и опрема, додека официјален Киев сè уште не донел одлука дали и под кои услови би го прифатил предлогот.

