Полицијата, обвинителството и центрите за социјална работа воспоставуваат нови механизми за итно и координирано постапување при секоја пријава за семејно насилство, со цел побрза заштита на жртвите и поефикасен прогон на сторителите.
Ова беше договорено на денешниот работен состанок во Јавното обвинителство, на кој учествуваа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, државниот јавен обвинител Ненад Савески и министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски.
Со оглед на сериозноста и загрижувачките трендови на оваа појава, трите институции утврдија приоритетни активности насочени кон навремена превенција, згрижување на жртвите и побрзо откривање и кривично гонење на насилниците.
Според договорениот протокол, веднаш по приемот на пријава, Министерството за внатрешни работи ќе го известува надлежното јавно обвинителство. Потоа, јавниот обвинител ќе формира и координира тим составен од полициски инспектори и стручни лица од центрите за социјална работа.
Во рамки на ова постапување ќе се обезбедуваат навремени вештачења и стручни мислења за евентуалните повреди, ќе се проценуваат ризиците за жртвите и ќе се прибираат сите неопходни докази за обвинителот во најкраток рок да донесе одлука за кривично гонење.
Дополнително, во сите три институции ќе бидат воспоставени постојано достапни контакт-точки, односно одговорни лица за итна комуникација и насоки. Со примената на вакви усогласени процедури треба да се избегнат непотребните одложувања и да се обезбеди навремена заштита за жртвите и изведување на сторителите пред правдата.

