УНИЦЕФ и Македонската берза денеска ќе го одбележат Светскиот ден на детето со настанот „Ѕвониме за децата“, со кој воедно ќе започнат и активностите по повод 80 години од основањето на УНИЦЕФ.
Настанот ќе се одржи во трговскиот центар „Дајмонд мол“ и е дел од глобалната иницијатива „Ring the Bell for Children“, предводена од УНИЦЕФ и Иницијативата на Обединетите нации за одржливи берзи. Во неа учествуваат берзи, компании, инвеститори и институции од повеќе земји.
Целта е да се истакне важноста на вклучувањето на деловниот сектор и инвестициските политики во заштитата на детските права, како и во создавањето подобри услови за раст и развој на секое дете.
Оваа година во фокусот ќе биде потребата од поголеми вложувања во најраните години од животот, преку обезбедување еднаков пристап до квалитетно рано учење, образование и грижа за сите деца.
На настанот се предвидени обраќања на претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Лесли Милер, и главниот извршен директор на Македонската берза, Иван Штериев. Ќе бидат презентирани и можностите за проширување на пристапот до рано детско образование и грижа преку иновативни модели на финансирање.
Свои обраќања ќе имаат и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, како и министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски. Посебен акцент ќе биде ставен и на улогата на компаниите и нивните деловни политики во поддршката на семејствата и унапредувањето на правата на децата.
Настанот ќе заврши со симболично ѕвонење за децата, во кое ќе учествуваат деца, претставници на УНИЦЕФ, Македонската берза и национални партнери. Со оваа порака организаторите ќе ја истакнат заедничката заложба за подобра иднина и еднакви можности за секое дете.

