Сите кои планираат да патуваат во Грција со автомобил за новогодишните празници треба навреме да се подготват. Од 1 јануари 2027 година стапуваат на сила нови правила за задолжителната автомобилска аптечка, која ќе мора да ги исполнува европските стандарди DIN 13164:2022 или соодветен еквивалентен ISO стандард.
Новите прописи се однесуваат на моторните возила што сообраќаат на територијата на Грција, со исклучок на мотоциклите и другите двоточкаши.
Што мора да содржи автомобилската аптека?
Меѓу задолжителните елементи што треба да ги содржи аптеката се:
- Термоизолациско ќебе со минимални димензии од 210 x 160 сантиметри.
- Медицински маски од тип IIR или FFP2.
- Медицински ракавици за еднократна употреба.
- Стерилни гази и преврски, вклучително и материјал за третман на изгореници.
- Завои, фластери и средства за покривање рани.
- Ножици за прва помош.
- Средства за чистење на кожата.
- Упатство за укажување прва помош.
Материјалите треба да бидат во рок на употреба, во добра состојба и да ги исполнуваат пропишаните стандарди.
Возачите кои нема да ги почитуваат новите правила за задолжителната автомобилска аптека во Грција се соочуваат со парична казна од 30 евра, согласно грчкиот Закон за сообраќај.
Проверете ја опремата пред да тргнете на пат
Покрај аптеката, возачите треба да проверат дали во автомобилот ја имаат и потребната безбедносна опрема, како сигурносен триаголник, противпожарен апарат и рефлектирачки елек.
Пред подолг пат се препорачува да се провери и состојбата на возилото, гумите и задолжителната опрема.
Новите правила за аптечките имаат за цел да обезбедат возачите да располагаат со соодветен материјал за укажување прва помош во случај на сообраќајна несреќа или друга итна ситуација.

