Каматите за државниот долг претставуваат сè поголем товар за државниот буџет, а за тоа сведочат и податоците за издвоените средства во изминатите години, посочува пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
Според бројките што ги презентира Стојаноски, во периодот од 2017 до 2023 година, кога на власт беа СДСМ и ДУИ, за камати биле издвоени 1,03 милијарди евра. За периодот од 2024 до 2027 година, според реализацијата и буџетските проекции, предвидени се 1,36 милијарди евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека тоа претставува 32 проценти повеќе средства за камати во период од четири години, во споредба со претходните седум години.
Особено се издвојува 2027 година, за која се планирани 405 милиони евра за каматни обврски, односно 62 милиони евра повеќе во споредба со 2026 година. Според презентираните податоци, оваа сума претставува 55,4 проценти од планираниот буџетски дефицит.
Стојаноски нагласува дека овие пресметки се однесуваат исклучиво на каматите и не ја опфаќаат отплатата на главнината на државниот долг.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека трошоците за камати се значителен товар за јавните финансии, бидејќи станува збор за средства од буџетот кои се издвојуваат за сервисирање на претходно направените задолжувања.
Партијата посочува дека податоците за каматните обврски треба да бидат дел од дебатата за Буџетот за 2027 година и за финансиските последици од задолжувањата на претходните влади.

