Како ќе изгледаат образованието и пазарот на труд во ерата на вештачката интелигенција, кои вештини ќе бидат најбарани и какви професии ќе се појават во иднина? Овие прашања ќе бидат главна тема на FutureX Summit 2026, кој денеска ќе се одржи во Европска куќа во Скопје.
Самитот го организира Институтот за комуникациски студии (ИКС), а на него ќе учествуваат домашни и странски експерти од областа на образованието, бизнисот и иновациите.
На официјалното отворање се најавени обраќања на министерката за образование и наука Весна Јаневска, директорката на ИКС, Жанета Трајкоска, како и деканката на Факултетот за менаџмент при Универзитетот на Приморска во Словенија, проф. Татјана Хорват.
Еден од говорниците ќе биде Рамила Кафаџи Заде, експертка за писменост за иднината од Универзитетот Ханзе во Холандија. Таа ќе се осврне на значењето на размислувањето за различни можни идни сценарија и начинот на кој таквиот пристап може да помогне при носењето одлуки во сегашноста.
Дел од програмата е и панел-дискусијата „FutureX дијалог“, на која ќе се разговара за поврзаноста меѓу образованието, професионалниот развој и иновациите.
Во дискусијата ќе учествуваат проф. Кирил Барбареев од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, претприемачот Данчо Димков, словенечкиот консултант за бизнис-иновации Томаж Павлица и д-р Александра Дединец од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
Посебен дел од самитот ќе биде посветен и на младите, преку презентација на студентски проекти од Македонија, Словенија и Австрија. Проектите се развиени во рамки на Академијата за подготвеност за иднината.
FutureX Summit 2026 има за цел да отвори дискусија за предизвиците и можностите што ги носат технолошките промени и за потребата образованието и професионалните вештини да се приспособуваат на новите услови.

