Градоначалникот Иван Јорданов денеска информираше дека ново оштетување на главната водоводна линија се случило по претходните интервенции на екипите на ЈП „Исар“. Поради проблемот, жителите на повеќе населби ќе останат без вода и во наредниот период.
Прекинот ги зафати населбите Железничка, Пребег, Три Чешми, Ново Село, Исар, делови од Сењак и 8 Ноември. Жителите во повисоките делови на градот веќе се соочуваат со проблемот трет ден, откако претходниот дефект на главната водоводна линија се санираше повеќе од 40 часа.
Јорданов најави дека Општината ќе ги мобилизира сите расположливи ресурси, вклучително и јавните претпријатија, Територијалната противпожарна единица и механизацијата, за дефектот да биде саниран што е можно побрзо.
За жителите на населбите што ќе останат без вода ќе бидат обезбедени цистерни со техничка вода, а волонтери ќе доставуваат флаширана вода за пиење до домаќинствата. Локациите на цистерните ќе бидат објавени на социјалните мрежи.
Градоначалникот објасни дека дефектите се случуваат на стара водоводна линија, која е изградена пред повеќе од 50 години, и дека и покрај замената на значителен дел од водоводната мрежа во изминатите пет години, оваа линија сè уште не е реконструирана.
Тој им се извини на граѓаните што се соочуваат со прекинот и најави дека ќе се работи на што побрзо отстранување на дефектот и нормализирање на водоснабдувањето.
Директорот на ЈП „Исар“, Александар Арсовски, информираше дека претпријатието ги мобилизирало сите расположливи капацитети, дека екипите се на терен и дека имаат резервни делови потребни за интервенцијата.

