Со почетокот на зимската сезона, во Македонија и во земјите од регионот стапија во сила правилата за задолжително поседување зимска опрема во возилата. Возачите кои нема да ги почитуваат прописите се соочуваат со парични казни, кои значително се разликуваат од држава до држава.
Според споредбените податоци, највисока казна за непоседување зимска опрема е во Црна Гора каде изнесува 150 евра, објави 4news.mk, веднаш зад неа е Хрватска со 130 евра, додека во Србија глобата е 50 евра. Во Македонија оваа казна изнесува 45 евра, односно околу 2.770 денари. Во Косово казната е 40 евра, во Албанија се движи од 10 до 40 евра, додека најниска е во Босна и Херцеговина со 20 евра.
Во Македонија зимската опрема е задолжителна од 15 ноември до 15 март, без оглед на моменталните временски услови. За патничките возила со маса до 3.500 килограми се бараат зимски гуми на сите четири тркала со шара од најмалку четири милиметри, или пак летни гуми со истата длабочина на шарата но со задолжителни синџири за снег на погонските тркала. За непочитување на овие прописи, освен паричната казна од 45 евра, полицијата има право и да го исклучи возилото од сообраќај.
Надлежните потсетуваат дека правилата варираат низ државите, па на возачите кои патуваат во странство им се препорачува навремена информираност. Особено внимание се апелира во планинските предели, при што сообраќајните служби потсетуваат дека опремата е клучен предуслов за безбедност во сообраќајот.

