Поранешниот бугарски премиер и наследник на бугарскиот царски престол, Симеон Сакскобурготски, смета дека историските прашања во спорот меѓу Македонија и Бугарија треба да им се препуштат на историчарите, додека политичарите треба да се фокусираат на практичната соработка и европската интеграција на земјава.
Како што пренесува „Актуално“, Сакскобурготски ова го изјавил во Брисел, каде што, како што претходно откри, случајно се сретнал со македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
Тој посочил дека разговорите и дијалогот се позитивни и дека добрососедските односи се во интерес на двете земји.
– Вчера случајно се сретнав со премиерот и ми беше многу драго. Мислам дека дијалогот во секој поглед е позитивен. Добрососедските односи се само во корист на сите. Треба да вложуваме напори. Пак ќе кажам нешто можеби политички некоректно. Сметам дека многу теми би требало да ги следат и разгледуваат историчарите, а ние да гледаме напред, кон практичното и кон влегувањето на Северна Македонија во ЕУ – рекол Сакскобурготски.
Сакскобурготски беше премиер на Бугарија од 2001 до 2005 година, во периодот пред земјата да стане членка на Европската Унија во 2007 година.

