Наскоро ќе биде објавен тендер за изведувач на доградбата на двете згради кај Ректоратот на УКИМ, кои се наменети за Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), најави министерката за образование и наука, Весна Јаневска. Во моментов е во тек периодот за сугестии за новото архитектонско решение, кое се разликува од првичното пред десетина години.
„Тоа мислам ќе се заврши многу скоро, во денови го броиме времето, потоа ќе се распише тендер за изведувач за доградбата. И тоа ќе трае најмалку шеесетина дена, или деведесет дена, и потоа ќе пристапиме кон реконструкција на овие згради“, изјави Јаневска одговарајќи на новинарски прашања по увидот во завршните активности од темелната реконструкција на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“.
Таа појасни дека постапката траела подолго бидејќи морало да се утврди степенот на оштетување на објектите кои десет години стоеле незаштитени.
„Овие згради 10 години стојат така непипнати, на време и невреме. Тоа го направивме со УКИМ, предводени од Градежниот факултет и претставници на многу факултети – Машинскиот, ФЕИТ, Архитектонскиот, исто така беше вклучен и ИЗИИС. Тоа се направи, потоа побаравме идејно решение, добивме идејно решение, па распишавме повторно тендер за архитектонско решение и тоа е сега при крај. И тоа малку потраа затоа што факултетите даваат сугестии за архитектонското решение, кое не е исто како тоа што било претходно“, соопшти министерката.
Минатата година беше одлучено двете згради во кампусот на УКИМ да му припаднат на ФИНКИ, додека за Факултетот за физичка култура (ФФК) ќе се гради нов објект на нивната сегашна локација.

