Реконструкцијата на студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ во центарот на Скопје е во завршна фаза и објектот ќе ги прими првите студенти во јануари 2027 година, пред почетокот на вториот семестар. Увид во инвестицијата вредна 10 милиони евра денеска изврши министерката за образование и наука Весна Јаневска.

„Овој објект ќе биде вториот модерен студентски дом што ќе го отвориме со поддршка на Европската унија и Германската развојна банка – KFW со кои заедно започнавме и ќе го завршиме процесот на темелна обнова на 9 државни студентски домови и 6 државни училишта со ресурсни центри. Ова се значајни инвестиции во студентскиот стандард и во инклузијата на образовниот систем“, изјави Јаневска.

Таа прецизираше дека за целиот проект се обезбедени 86 милиони евра, од кои 60 милиони се преку KFW, 22 милиони евра се неповратни грантови од ЕУ, а четири милиони евра се издвоени од државниот буџет.
По отворањето на реновираниот дом „Стив Наумов“ пред два месеца со капацитет за 1.150 студенти, со ставањето во функција на „Кузман Јосифовски – Питу“ се обезбедуваат современи услови за сместување на уште 280 лица.
„Веќе видовте дека се работи за навистина одлични услови, високи стандарди за ваков тип на градби и очекувам студентите што ќе го користат овој дом да бидат задоволни, но и одговорни, за да можат што повеќе генерации да ги почувствуваат придобивките од ова јавно добро“, нагласи министерката.

Посочувајќи на симболиката на денешниот датум, 17 ноември – Меѓународниот ден на студентите, Јаневска истакна дека вложувањата во оваа сфера се значително зголемени.
„Грижата за студентскиот стандард е многу подигната во период од неколку години – практично буџетот за оваа намена е двојно зголемен ако ги споредиме 2022 и 2026 година. Продолжуваме посветено да работиме за младите да бидат задоволни од вниманието од државата, да ги надминуваме предизвиците со кои се соочуваат и да ги задржиме тука во сопствената земја да го реализираат својот потенцијал“, порача Јаневска.

