Случајот со 26-годишната Сара од Охрид, која според наводите на Обвинителството била физички нападната, противправно затворена и малтретирана од нејзиниот партнер, предизвика лавина реакции на социјалните мрежи. По информацијата дека на 31-годишниот Кристијан Корабоски му е одреден 30-дневен притвор, сè поголем број јавни личности и познати Македонци јавно го осудуваат насилството врз жените и бараат построги казни за сторителите.
Меѓу оние кои јавно реагираа е раперот Христијан Тасковски – Таско, кој преку видео порака побара итно процесуирање на случајот и затворски казни за насилниците.
„Значи, ова веќе ја прели чашата. Итно барам јас, како Христијан Тасковски, од страна на надлежните органи да се процесуира целиот случај и да се осуди овој, но и сите претходни насилници како него, на затвор.
Не на мерка на претпазливост, не на ‘ќе биде добар’, на услов – затвор. Затвор! Директно, одма, по брза постапка“, порача Таско.
Тој нагласи дека за насилството врз жените треба да има нулта толеранција и побара најстрого постапување против сите за кои постојат докази дека малтретирале жени.
Со реакција се огласи и пејачката Елена Ристеска, која испрати кратка, но јасна порака:
„Да не дозволиме да се извлекуваат насилниците!!!“
Случајот во Охрид повторно ја отвори темата за семејното и родово базираното насилство, како и за потребата од навремена институционална реакција и соодветна заштита на жртвите.
Каролина Гочева на Инстаграм напиша: „Нов ден нов монструм – Добро утро Македонијо!”.
Против Корабоски се води постапка за три кривични дела – телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста. Според Обвинителството, тој при вршење семејно насилство ја затворил партнерката, физички ја нападнал, ѝ нанел повреди и ја загрозил нејзината сигурност.
Неговото приведување и одредувањето притвор од 30 дена се случуваат во момент кога јавноста сè погласно бара институциите да реагираат на насилството врз жените и да обезбедат заштита за жртвите.

