Премиерот Христијан Мицкоски го осуди нападот врз младата девојка во Охрид, изразувајќи поддршка до нејзиното семејство и уверување дека институциите ќе преземат сè што е во нивна надлежност за сторителот да одговара пред правдата.
Обраќајќи се денеска од Брисел, Мицкоски рече дека првичното обраќање требало да биде посветено на средбите и разговорите за застапување на македонските интереси во Белгија, но дека веста за нападот во Охрид ја променила неговата агенда.
„За жал, до мене стигна ужасната вест која ги потресе Охриѓани, но и генерално граѓаните на Македонија, за инцидентот и претепувањето на младата девојка. Ја користам оваа прилика да изразам жалење и жестоко да го осудам дивјаштвото кое се случува“, изјави Мицкоски, соопшти владината прес-служба.
Премиерот нагласи дека како човек и родител сочувствува со семејството на нападнатата девојка и вети дека Владата ќе преземе мерки во рамките на своите надлежности за случајот да добие соодветна институционална разрешница.
„Како човек, како родител, како татко, како брат и сопруг сакам да изразам поддршка до семејството на девојката и да ветам дека сè ќе сториме како институција и јас како претседател на Владата лицето кое го сторило овој ужасен напад да биде изведено пред лицето на правдата“, порача Мицкоски.

