Ирена Ѓорѓиеска, мајката на Сара од Охрид, која беше брутално претепана и оставена на улица, преку објава на Фејсбук изнесе сериозни обвинувања за нападот врз нејзината ќерка, како и за настаните што следувале по него.
Таа наведува дека Сара сè уште се наоѓа во болница и дека, покрај физичките последици од нападот, таа и семејството се соочуваат и со страв за нејзината безбедност.
Според тврдењата на мајката, осомничениот бил пуштен на слобода, што дополнително ја вознемирило семејството. Таа во објавата посочува дека тој претходно се фалел со влијанието и познанствата на неговите родители, со кои, наводно, можел да ги решава проблемите.
Особено вознемирувачки се наводите на Ѓорѓиеска за случувањата во моментите кога Сара била во бессознание. Таа тврди дека осомничениот, мислејќи дека девојката е мртва, побарал помош од својот татко за да се ослободи од нејзиното тело.
„Собери ги сите познаници, да го прикриеме нештово и да се ослободиме од оваа, дали да ја фрлам во некоја провалија?“, наведува мајката, пренесувајќи ги зборовите за кои тврди дека Сара ги слушнала додека била во беспомошна состојба.
Ѓорѓиеска тврди и дека телефонот на нејзината ќерка бил намерно искршен за да не може да побара помош. Според нејзиното сведоштво, лицата од опкружувањето на осомничениот одбивале да ја однесат девојката во болница, иако таа барала медицинска помош.
Во објавата се изнесуваат и наводи дека осомничениот во еден момент побарал нож за да ја „докрајчи“, како и дека постоел обид за влијание врз медицинскиот извештај за повредите на девојката. Според мајката, тетката на осомничениот контактирала со болницата со цел да се намали сериозноста на повредите во документацијата.
Мајката наведува дека Сара дошла при свест пред осомничениот да успее да ја однесе и да ја фрли во провалија, по што, според нејзините тврдења, ја оставил на улица.
На крајот од објавата, Ѓорѓиеска бара надлежните институции темелно да го испитаат случајот и да утврдат дали имало обиди за прикривање на настанот или влијание врз постапката.
Сите овие наводи се изнесени во јавната објава на мајката и треба да бидат предмет на проверка од надлежните институции.


