Случајот со Ива Михаилова предизвика нови реакции во Бугарија, откако јутјуберот Станислав Цанов објави аудиоснимки од разговори во кои таа тврди дека бугарската Државна агенција за национална безбедност (ДАНС) ѝ вршела притисок околу нејзините медиумски гостувања.
Според објавените снимки, Михаилова тврди дека од неа било побарано најпрво да се појави во емисијата на новинарот Мартин Карбовски, а дури потоа да гостува во други медиуми. Таа наведува и дека ѝ било укажано дека во спротивно може да остане без државната помош за лекување, рехабилитација и правна поддршка.
Во една од снимките, Михаилова зборува за наводна целосна контрола врз прашањата што би ѝ биле поставени во емисијата на Карбовски.
Од ДАНС ги отфрлија обвинувањата, соопштувајќи дека ниту еден нивен службеник не извршил какво било влијание или притисок врз неа.
Случајот доби и политичка димензија. Копретседателите на партијата „Да, Бугарија“, Ивајло Мирчев и Божидар Божанов, најавија дека ќе побараат институционална истрага. Мирчев најави и дека прашањето ќе го отворат пред институциите во Брисел, оценувајќи дека постои ризик обидите за парламентарна контрола да бидат блокирани.
По објавувањето на снимките, Михаилова се огласи и на Фејсбук, негирајќи дека некој во Бугарија ја принудувал на нешто.
„Никој во Бугарија не ме присилил на ништо. Овде добив помош, грижа и поддршка“, напиша таа, додавајќи дека не сака да биде дел од политички спорови и дека нејзин единствен приоритет е закрепнувањето.
Инаку, Михаилова на почетокот на октомври ја напушти Македонија и замина во Бугарија со помош на нејзиниот бугарски адвокат. Таа има двојно државјанство, а бугарските власти најавија дека нема да ја предадат на македонските институции и покрај распишаната потерница.
Против Михаилова се води судска постапка во Кочани за сообраќајна несреќа со смртни последици, што се случи минатата година на експресниот пат Кочани – Штип.

