„Денес пред нас не стои само мурал. Пред нас стои приказната за илјадници жени. За жената која работи, создава, се грижи, се жртвува, се бори. За мајката која и кога нема сила за себе, наоѓа сила за своите деца. Но и за жената која зад затворени врати преживува страв, закани и насилство, а сепак не престанува да сонува за слобода“, изјави претседателката на ЛДП и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова на промоцијата на муралот „Жена Феникс“, по повод 50-годишнината на Општина Центар.
Муралот „Жена Феникс“ е авторско дело на Драган Китановски-Драш, Миро Грчев-Микс и Марјан Димиќ-Мачка и го симболизира митолошкото повторно раѓање и издигнување од пепелта.
„Јас сакам денес да испратам една поинаква порака: Жената не треба прво да изгори за општеството да ја препознае нејзината сила! Овој мурал нека биде потсетник дека зад секоја жена стои приказна што заслужува почит, достоинство и еднакви можности“, додава Зајкова.
Наша задача, според Зајкова, не е само да им се восхитуваме на жените што успеале повторно да се издигнат, туку да изградиме општество во кое ниту една жена нема да мора сама да поминува низ огнот.
„Затоа што на жените не им требаат само крилја за повторно да полетаат. Нив им треба слобода, сигурност и држава што ќе ги заштити“, заклучува Зајкова.


