Министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, оствари работна посета на Јапонија со цел зајакнување на образовните и научните врски помеѓу двете земји, остварувајќи средби со значајни владини и академски претставници.
На состанокот со јапонскиот министер за образование, култура, спорт, наука и технологија, Јошихиро Секи, се разговараше за заемните искуства во образовните системи, при што министерката побара поддршка за воспоставување центри за извонредност во земјава.
„Јапонија е долгогодишен стратешки партнер на нашата земја и ви благодарам за досегашната поддршка, како и за можностите што им ги овозможувате на македонските студенти преку системот на стипендирање да се образуваат на престижни јапонски универзитети. Од особено значење за нас е и поддршката што ја добиваме во процесот на техничка модернизација и опремување на училиштата. Верувам дека дел од идеите за кои денес разговаравме наскоро ќе прераснат во конкретни проекти и активности“, истакна Јаневска на средбата во јапонското Министерство за образование.
Во фокусот на посетата на Националниот институт за образовни политики беа искуствата во подобрувањето на квалитетот на наставата и подготовката на учениците за меѓународните ПИСА тестирања. За нови можности за економско и научно партнерство се разговараше и со заменик-министерката за надворешни работи, Икуина Акико, при што беше нагласена улогата на организациите JETRO и JICA.
Агендата опфати и посета на Универзитетот во Токио каде беа разгледани можностите за заедничко учество во европски истражувачки програми и студентска размена. Посетата заврши со средби во македонската амбасада со поранешниот амбасадор Казуја Оцука, домашни студенти и јапонски средношколци кои го изучуваат македонскиот јазик.

