Полицијата во Вашингтон спроведува широка безбедносна операција по пријавено пукање на повеќе локации во населбата Логан Сиркл, во непосредна близина на Белата куќа. Властите упатија апел до граѓаните да го избегнуваат подрачјето околу 15-та улица, каде што се сместени фитнес-центар, црква, супермаркет и повеќе станбени згради.
Поголемиот дел од овој реон е целосно блокиран, додека училиштата во околината се привремено затворени од безбедносни причини, јавува АП. На терен се присутни бројни полициски екипи, а во истрагата и обезбедувањето на просторот се вклучија и агенти од федералната Агенција за алкохол, тутун, огнено оружје и експлозиви (АТФ).
Надлежните институции сè уште не излегуваат со официјални информации за причините и околностите на инцидентот, ниту пак се познати идентитетот и здравствената состојба на евентуалните повредени лица.

