Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, и претседателот на Врховниот суд, Африм Фидани, денеска потпишаа Договор за електронска размена на податоци, со кој се овозможува директен дигитален пристап до судските евиденции.
Со овој договор, Царинската управа добива електронски увид во казнената и кривичната евиденција за физички и правни лица, како и до податоците за изречени забрани за вршење дејност и одземена деловна способност од судскиот систем.
Говорејќи за значењето на новата процедура, директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, истакна:
„Потпишувањето на денешниот договор е значајно од два аспекти. Прво, брзиот пристап до целокупна казнена и кривична евиденција во судскиот систем, ќе придонесе за унапредување на проценките за ризик во оперативните и истражните дејствија и преземање навремени мерки за претпазливост. Нема веќе како досега хартиени барања за проверка во евиденцијата на судовите. Сега тоа се овозможува во реално време. Второ, со овој Договор овозможуваме забрзување на процесите за добивање на царински одобренија, со што покажуваме дека во континуитет вложуваме во олеснување на трговијата и намалување на бирократските процедури. Покрај тоа увидот во целосната евиденција од судскиот систем, овозможува цврсти гаранции дека привилегии и царински одобренија за учество во трговијата можат да добијат исклучиво економски оператори со верификуван деловен и правен интегритет“
Според надлежните, новата меѓуинституционална соработка целосно ги укинува досегашните хартиени барања и значително ги крати административните рокови при царинските постапки.

