По истрагата и проверките спроведени од припадниците на Крајбрежната служба на Грција, со помош на куче за откривање експлозивни направи, не беше пронајдено ништо сомнително, откога попладнево беше пријавено дека е поставен експлозивен механизам на траектот „Blue Star 1“, на атинското пристаниште Пиреас, со 875 патници и 83 членови на екипажот, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што информираа од крајбрежната служба на Грција, за време на проверките сите патници беа евакуирани, а траектот од Атина требаше да отплови до островите Сирос, Патмос, Лерос, Кос и Родос.
На траектот има 875 патници и 83 членови на екипажот, како и 89 автомобили, 12 мотори, 110 товарни возила и еден минибус, а по извршената проверка се очекува да добие зелено светло за пловидба.
Според грчките медиуми, пријавата била од непознато лице до патник во бродот предупредувајќи го дека е поставена бомба што ќе експлодира.
Лажна дојава за бомба имаше и минатата седмица, кога беше добиена пријава за поставен експлозивен механизам во кузерот „Crown Iris“, со 940 патници и 597 членови на екипажот, што од грчкиот остров Сирос тебаше да отплови кон Хаифа, Израел.

