Заменикот генерален секретар и пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција изнесе обвинувања за финансиски трансакции реализирани во периодот на претходната власт. Според неговите изјави, единствените „испрани“ пари во Македонија влегоа преку Венецуела во Еуростандард банка во времето на Венко Филипче и Зоран Заев.
Петрушевски посочи дека првата транша изнесувала 110 милиони евра од вкупно планираните 1,6 милијарди евра за влез во банката, во време кога Венецуела била под меѓународни санкции. Според изнесените информации, македонска фирма купувала вештачко ѓубриво од фирма во Белорусија, по што парите биле префрлани на сметка во Србија, каде што подоцна биле замрзнати по барање на обвинителството.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ ги поврза овие сомнежи со поранешното раководство на СДСМ:
„Затоа кај СДС работи Фројд. Според логиката на СДС, тогашната власт на Филипче и Заев, по се изгледа биле директно вклучени во овие трансакции. Шемата е таа, Венецуела, Белорусија, Русија и Србија. Истите држави чии олигарси и криминалци во Македонија добиваа пасоши, тендери и дупови.“
Дополнително, од ВМРО-ДПМНЕ обвинија за молк во врска со кредитите подигани од компании поврзани со семејството Заеви.
„Дополнително, од СДС молчат за фирмите на Заеви „Сара инженеринг“, фирмата на Вице Заев, „Глобал медија груп“, како и „Тритерол“, бизнис-партнери на Зоран Заев, кои подигаа кредити од Еуростандард, а потоа не ги исплаќаа.“
На крајот од прес-конференцијата, Петрушевски заклучи:
„Изворот на криминалот, корупцијата и ароганцијата во Македонија се Филипче и Заев. Кога тогаш ќе одговараат.“

