ДУИ обвинува за непочитување на Законот за употреба на јазиците во државните институции, посочувајќи го како последен пример Институтот за јавно здравје. Од партијата тврдат дека директорката Марија Андоновска наредила службената комуникација да се одвива исклучиво на македонски јазик, а двојазичните документи повеќе да не се прифаќаат.
Во соопштението, кое МИА го пренесува интегрално, ДУИ наведува дека раководителите на секторите добиле инструкции да ги известат вработените дека за валидни ќе се сметаат само документите на македонски јазик.
Партијата ја обвинува директорката за прекршување на Законот за употреба на јазиците, а критики упатува и до коалицијата ВРЕДИ, обвинувајќи ја за молк и недоволно ангажирање за заштита на јазичните права.
Од ДУИ бараат Владата да ги испита наводите и да утврди одговорност, а Инспекторатот за употреба на јазиците веднаш да спроведе надзор и да преземе соодветни мерки доколку се утврдат неправилности.
Во реакцијата се повикуваат и на последниот извештај на Советот на Европа, во кој, според ДУИ, се посочени проблеми со почитувањето на јазичните права во земјава.

