Две лица го загубија животот, а пет се тешко повредени во тешка сообраќајна несреќа што се случи утрово околу 7:25 часот на автопатот А3 во близина на Загреб, кога се преврте автобус со српски регистарски ознаки, пренесува Хрватската радио-телевизија (ХРТ).
Несреќата се случила на 61. километар од автопатот, веднаш по клучката Иванич-Град во насока кон Загреб. Во возилото се наоѓале вкупно 33 патници и двајца возачи. По несреќата, на терен веднаш излегле бројни екипи на Итната медицинска помош, полицијата и 15 пожарникари кои интервенирале, успешно спречувајќи можна појава на пожар и згрижувајќи ги повредените, при што бил ангажиран и медицински хеликоптер.
Хрватската министерка за здравство, Ирена Хрстиќ, која заедно со вицепремиерот и министер за одбрана Томо Медвед излезе на местото на настанот, информираше дека пет лица се здобиле со тешки телесни повреди.
„Две тешко повредени лица се пренесени во Клиничкиот болнички центар (КБЦ) ’Сестре милосрднице‘, едно лице во одделот за трауматологија на локацијата Драшковиќева, а две тешко повредени лица во КБЦ Загреб. Сите останати 27 лица, со возила на итната медицинска помош и во придружба на полицијата, се пренесени во повеќе болници во Загреб. Сите тешко повредени во рок од еден час беа сместени во болниците за понатамошно лекување“, изјави министерката Хрстиќ, додавајќи дека на терен дејствувале девет екипи на Итната помош и хеликоптерската служба (ХЕМС).
Министерот Томо Медвед изјави дека сè уште се утврдува државјанството на патниците во автобусот, по што ќе следува координација со соодветните амбасади, а во меѓувреме упати длабоко сочувство до семејствата на загинатите.
Полицискиот увид за утврдување на точните причини за несреќата е во тек, додека сообраќајот на оваа делница од автопатот се одвива забавено, исклучиво по левата коловозна лента.

