Новата власт во Србија побара итна истрага од надлежните обвинителства врз основа на пораките од апликацијата „Sky“, во кои поранешниот српски врв е поврзан со организирани криминални групи. Од СДСМ порачуваат дека со евентуалното паѓање на структурите на Александар Вучиќ, политичките последици ќе се рефлектират и во Македонија.
Од СДСМ информираат дека од врховната јавна обвинителка Загорка Доловац и од Обвинителот за организиран криминал Младен Ненадиќ е побарано отворање постапка за испитување на врските на Александар Вучиќ со криминалните групи на Дарко Шариќ и Вељко Беливук. Како што се нагласува во соопштението, документацијата е обезбедена од Европол, а француските власти најавиле дека од 1 декември ќе престанат да прифаќаат замолници за податоци од оваа платформа, што го зголемува притисокот за итна акција.
Во преписките, според наводите на опозициската партија, Вучиќ е обележан со кодното име „Оскар“, додека неговиот полнолетен син е посочен како контакт-лице кое добивало месечна финансиска поддршка од картелот.
Од СДСМ прават директна паралела со политичката сцена во земјава, тврдејќи дека македонскиот премиер Христијан Мицкоски е тесно поврзан со истите регионални структури.
„Истиот Вучиќ што во Македонија прво го доведе Мицкоски на власт, а потоа самиот ја презеде. Истиот што донесе соработници на БИА во владата. Истиот што ги донесе Euronews без дозвола, Ало група и Информер. Истиот што преку Алта банка ја отвори пералницата за пари од криминал, корупција и дрога. Истиот што му даде на Мацура кредит, а Мицкоски му даде дозвола и пари од јавни претпријатија“, стои во соопштението.
Од партијата оценуваат дека „Мицкоски не е само партнер, туку дел од истата организирана криминална група“, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ е сестринска партија на СНС.
„Кога паѓа „Оскар“, паѓа и марионетата. Кога се отвораат Sky пораките во Белград, се отвораат и трансакциите во Битола. Кога се апсат луѓе од полицијата и режимот во Србија, се отвора прашањето кој ги носеше нарачките во Скопје“, велат од СДСМ.
Воедно, од партијата упатија повик до македонското обвинителство итно да реагира, нагласувајќи дека институциите имаат обврска да работат во интерес на граѓаните, а не да штитаат политички структури.

