Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, изрази загриженост поради појавите на врсничко насилство во земјава, посочувајќи дека и покрај преземените мерки, кампањи и прирачници, забележана е зголемена бруталност и загрижувачка апатија кај децата кои со своето снимање и гледање де факто стануваат соучесници.
Одговарајќи на новинарско прашање по повод случајот во Тетово во рамки на панел-дискусијата „Извештајот на Европската Комисија за 2026 – напредок и реформи“, Јаневска ги истакна мерките што МОН веќе ги има спроведено во училиштата.
„Мене ми е жал што сè уште во Македонија се случуваат вакви нешта, иако ние како Министерство водиме агресивна кампања против врсничкото население. Направени се прирачници за во училиштата, воспоставен е систем на делување во случај на врсничко насилство во училиштето, за наставниците, за стручната служба, за директорите, поврзаноста на образовниот систем со социјалните служби, со МВР … Имаме две кампањи кои течат на медиумите и против сајбер насилството има прирачник, и да не ги набројувам сите“, изјави Јаневска.
Таа потенцираше дека е воспоставена соработка со Комората на психолози и дека фокусот мора да биде и врз семејната средина.
„Се обидовме да вклучиме родители, оти тие се значајна алка. Таму оди малку потешко процесот, но и тоа го правиме, во правец на рано препознавање кај детето дека трпи некаков вид насилство и го поврзавме со семејното насилство, затоа што стручњаците велат дека голем процент од врсничкото насилство е поврзано со семејното насилство“, додаде министерката.
Во рамки на предложените чекори, од МОН е побарано наставниците да бидат присутни во ходниците и дворовите, а во собраниска процедура е и предлог-казната за родителите од 250 евра.
„Секој треба да сноси одговорност за секоја акција што ја спроведува. И малолетниците, без оглед што се малолетници, но и нивните родители секако треба да имаат одговорност. Ова повеќе пати сме го кажале и мора да станат свесни дека мора сите заедно да водиме грижа за децата. Не може грижата за децата да биде препуштена само на училиштата или само на Заводот за социјална служба или само на МВР“, нагласи Јаневска, додавајќи дека кампањите и обуките ќе продолжат.

