Македонската иновација ding.mk е меѓу регионалните победници на јубилејното 15. издание на натпреварот „Зелени бизнис идеи од Балканот 2026“ (Balkan Green Ideas), кој од 3 до 5 ноември се одржа во Призрен, Косово.
Станува збор за паметен систем кој им помага на компаниите да ја намалат потрошувачката на енергија, да спречат дефекти на производствените машини и да ги унапредат работните процеси преку дигитализација. Со помош на сензори и вештачка интелигенција, системот постојано ја следи работата на опремата, навреме ги открива потенцијалните проблеми и овозможува автоматизација.
Зад оваа идеја стои Благојче Количовски, кој вели дека регионалното признание е голема мотивација и потврда дека технологијата може да придонесе и за заштита на животната средина и за поефикасно работење на компаниите.
„Искрено сме среќни и горди што нашата идеја ДИНГ е препознаена и наградена на Balkan Green Ideas 2026. Ова признание за нас претставува огромна мотивација и потврда дека технологијата и иновациите можат да имаат позитивно влијание врз животната средина и начинот на кој работат бизнисите“, изјави Количовски.
Целта на ding.mk е да им помогне на компаниите да ги намалат непотребните загуби и поефикасно да ги искористат ресурсите и опремата со кои располагаат.
Покрај македонскиот проект, меѓу регионалните победници се најдоа и Teshat.com од Косово, платформа за циркуларна мода која овозможува поправка, преработка и повторна употреба на облека, како и Laneno од Босна и Херцеговина, бренд за постелнини со полнење од рециклиран текстил.
На натпреварот учествуваа претприемачи од шесте земји на Западен Балкан, а најуспешните зелени бизнис-идеи беа наградени со грантови од 5.000 и 10.000 долари.
Задоволство од успехот на македонските претставници изрази и Катерина Панова Матоска од здружението АРНО, кое веќе 12 години го организира натпреварот во земјава. Таа посочи дека оваа година за националните финалисти бил воведен и нов стандард – задолжителен слајд со јасни и мерливи показатели за влијанието на нивните бизниси.
„АРНО го следи овој натпревар и за да види што се случува во екосистемот, а преку проектот „Инвестираме во промени“ свесно се насочува кон развој на импакт-претпријатија. Токму затоа, оваа година за првпат воведовме нов стандард за националните финалисти – задолжителен слајд со јасни, мерливи импакт-индикатори“, истакна Панова Матоска.
Македонија на регионалниот натпревар ја претставуваа и Коста Богучевски со проектот „Урбана фарма“, за вертикално одгледување микрозелени, и Благојче Најдовски со „Медотека Најдовски“ и производот „Premium Protein from Waste“ – протеинска лимонада добиена од нуспроизводи од ореви.
Преку натпреварот Balkan Green Ideas досега се поддржани повеќе македонски зелени бизниси, меѓу кои „Наша добра земја“, „СПИН“, „Храна за сите“, „Био смарт ориз“, „Challenger“, „О-круг“, MobiStove и LoaNaturals.

