Случајот со 17-годишната Билјана, чија смрт ја потресе јавноста, повторно го отвори прашањето за семејното насилство и заштитата на жртвите. Зад статистиката за насилството стојат реални човечки судбини, а податоците на Министерството за внатрешни работи покажуваат дека проблемот и понатаму е сериозен.
Од јануари до септември годинава, во земјава биле регистрирани 1.337 кривични дела поврзани со семејно насилство. За нив биле пријавени 1.388 сторители, од кои 1.278 мажи и 110 жени. Евидентирани се вкупно 1.433 жртви, меѓу кои 1.144 жени и 289 мажи.
Покрај кривичните дела, во истиот период биле регистрирани и 191 прекршок поврзан со семејно насилство. Пријавени биле 228 сторители, од кои 196 мажи и 32 жени, како и 221 жртва.
Особено загрижува бројот на поплаки. За девет месеци во МВР биле поднесени 3.869 поплаки за семејно насилство. Во нив биле пријавени 3.971 сторител и 3.961 жртва. Меѓу пријавените сторители имало 3.090 мажи и 881 жена, додека меѓу жртвите 2.567 биле жени, а 1.394 мажи.
По трагичниот случај со Билјана, апелот за навремено пријавување на насилството добива дополнителна тежина. Молчењето и непријавувањето можат да ги остават жртвите без потребната заштита, поради што од МВР повикуваат граѓаните да не ги премолчуваат случаите на насилство.
Секој што е жртва или има сознанија за семејно насилство може да го пријави случајот во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 112 и 192.

