Од 1 декември стапуваат во сила новите мерки на Народната банка за ограничување на задолжувањето, со кои се намалува дозволениот износ на месечните кредитни обврски во однос на приходите и се скратуваат роковите за отплата на одредени видови кредити.
Според новите правила, максималниот однос меѓу вкупните месечни кредитни обврски и приходите на кредитокорисниците се намалува за пет процентни поени. Кај денарските кредити досегашниот лимит од 50 проценти се намалува на 45 проценти, додека кај кредитите со валутна компонента ограничувањето се намалува од 45 на 40 проценти.
Тоа значи дека граѓанин со месечна плата од 60.000 денари, кој досега можел да издвојува до 30.000 денари месечно за денарски кредит, од декември ќе може да има максимална месечна рата до 27.000 денари.
Промени има и во роковите за отплата. Станбените кредити за купување втор или дополнителен стан ќе се отплаќаат најмногу до 25 години наместо досегашните 30 години, додека кај хипотекарните потрошувачки кредити максималниот рок се скратува од 20 на 15 години. Пократкиот рок на отплата при ист износ на кредит ќе значи повисока месечна рата за граѓаните.
Исклучок е предвиден за граѓаните кои за првпат купуваат сопствено живеалиште, за кои останува да важи максималниот рок од 30 години за отплата и минималното сопствено учество од 10 проценти. За сите останати купувачи на недвижности минималното учество останува 25 проценти, а целта на новите ограничувања е да се превенира прекумерното задолжување на домаќинствата.

