Секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Андреј Жерновски, на денешната прес-конференција го оцени вчера објавениот Извештај на Европската комисија како катастрофален, истакнувајќи дека тој е директна критика за владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој посочи дека во Извештајот е нотиран нула напредок во борбата против корупцијата, јавните набавки и слободата на медиумите, додека судството се соочува со политички притисоци.
„Денешната прес-конференција е посветена на вчерашниот Извештај, којшто, за жал, е катастрофален и за којшто мораме да бидеме реални, не како опозициска партија, не како политичари, туку како граѓани, дека ништо друго и не очекувавме, така што никој, буквално никој во оваа држава, не е изненаден од тоа што пишува во Извештајот и од тоа што е директно набележано како критика за ова владеење на ВМРО“, изјави Жерновски.
Жерновски подвлече дека Европската комисија нотирала застој во Кластерот 1, кој го опфаќа правосудството, а се забележани и слабости во изборното законодавство, кое сè уште ги нема имплементирано препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија.
„Имаме нула напредок во седум области. Меѓутоа, она што посебно загрижува е што најважниот кластер е Кластерот 1, тој се однесува на темелите и директно ги набележува недостатоците или немањето каков било резултат на оваа влада“, додаде тој.
Според СДСМ, Собранието ја злоупотребува скратената постапка за носење закони, а во Извештајот се предупредува и за слабото управување со јавните инвестиции, сивата економија и иселувањето на стручниот кадар.
„Каков мандат, каков резултат на вашиот мандат, такви и извештаи добиваме од Брисел и затоа сè ова што е набележано во Извештајот можеме накратко директно да го оцениме како катастрофа“, порача секретарот за меѓународна соработка на опозициската партија.
Жерновски додаде дека доколку земјата била дел од Европската Унија, немало да се случат финансиски скандали од типот на Алта банка, бидејќи ЕУ не дозволува влез на валкани пари.

