Стотици граѓани се собраа на плоштадот Енгелаб во Техеран каде запалија огромен транспарент со ликовите на американскиот претседател Доналд Трамп, потпретседателот Џ.Д. Венс, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и специјалниот претставник на САД Стив Виткоф. Собирот се одржа во сенка на поразот на Републиканската партија на среднорочните избори во САД, за кој и самиот Трамп изјави дека во голема мера е резултат на војната во Иран, започната со американско-израелските воздушни напади на 28 февруари.
Истовремено, Иран ја одбележа годишнината од заземањето на американската амбасада во Техеран во 1979 година, кога ирански студенти заробија 52 американски дипломати и граѓани, криза која траеше 444 дена и ги прекина дипломатските односи меѓу двете земји. Низ центарот на Техеран маршираа илјадници луѓе, кои палеа знамиња, скандираа „Смрт за Америка“ и „Смрт за Израел“ и носеа карикатури, меѓу кои и една која го прикажуваше Трамп како бесно куче на поводник кај Нетанјаху.
Градоначалникот на Техеран, Алиреза Закани, пред насобраните порача дека САД и Израел претрпеле „решителен пораз“, вклучително и на неодамнешните избори во САД, додавајќи дека американските слабости се резултат на „упорноста и силата“ на Иран.

