ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека СДСМ и лидерот на партијата Венко Филипче повторно шират паника и недоверба кај граѓаните, овојпат преку темата за состојбите во банкарскиот сектор и Алта банка.
Во партиското соопштение, кое МИА го пренесува интегрално, од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека опозициската партија, како што велат, откако не ѝ поминале темите за мигрантите, водата и пензиите, сега се обидува да создаде несигурност во финансискиот систем.
Од владејачката партија оценуваат дека СДСМ и Филипче продолжуваат со, како што ја нарекуваат, стара политичка матрица на пласирање сомнежи и инсинуации со цел да се наруши довербата во институциите.
Во соопштението ВМРО-ДПМНЕ поставува и прашање дали, како што наведува, притисокот врз Народната банка и критиките поврзани со Алта банка имаат цел да создадат услови за нејзино евтино преземање од страна на бизнисмен близок до СДСМ.
Од партијата нагласуваат дека банкарскиот сектор не треба да биде предмет на дневнополитички препукувања и дека стабилноста на финансискиот систем, сигурноста на депозитите и довербата на граѓаните се прашања од јавен интерес.
ВМРО-ДПМНЕ посочува дека Народната банка и надлежните институции се одговорни за следење на состојбите и преземање мерки за заштита на финансиската стабилност и интересите на граѓаните.
На крајот од реакцијата, од партијата порачуваат дека граѓаните треба да бидат спокојни и уверуваат дека додека ВМРО-ДПМНЕ е на власт, ќе има исплата на плати и пензии и нема да има пропаѓање на банки.

