Возачите научија каде точно се наоѓаат камерите на Сејф сити, па на тие локации возат побавно за да не платат казна. Но онаму каде што не се снима, се кршат правилата. За да се спречат ваквите навики, министерот за внатрешни работи најави нов начин за санкционирање на „непослушните“. Од следната година, голем број на полициските возила ќе можат да детектираат возило кое вози побрзо од дозволеното – а прекршокот директно ќе се вметнува во електронскиот систем.
„Пред сè, со полициските возила ќе можеме да детектираме управување со моторно возило со несоодветна брзина. Зошто? Затоа што сметаме дека таквиот тип контрола е неопходен за да можеме да го смириме сообраќајот и таму каде што немаме поставено камери. Оние што несовесно управуваат со моторните возила полека-полека ги научија локациите на камерите, и тоа е добро. Но, сега нема да можат да претпостават каде ќе бидат полициските возила, а тие повторно ќе можат да констатираат прекршок“, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
На локациите каде се поставени камери, службите забележале драстично намалување на бројот на сообраќајни несреќи. Министерот Тошковски вели дека се изработува длабинска анализа за критичните точки во државата и во следниот период ќе се работи на нивно подобрување.
Во Македонија годишно во просек гинат од 145 до 150 лица во сообраќајни несреќи. Стапката на смртност е повисока од европскиот просек, кој изнесува 44 загинати на еден милион жител
„Оваа година заклучно со 8-ми октомври, за жал имаме 85 жртви, но тоа е драстично намалување кога сме имале 117 и драстично помалку во сите останати години“, додаде Тошковски.
Денеска беше презентирана Националната стратегија за безбедност во сообраќајот на патиштата 2026-2030 година, документ од 145 страници кој треба да помогне да се преполови бројот на жртви во државата.
„Мора да се градат патишта што ќе одговорат на потребите на управување со возила од 21 век. Патишта кои ќе ги заштитат нашите граѓани, з да не ни се случува повеќе возчи и други учесници во сообраќајот да страдаат поради пропусти во изведбата, несоодветната документација итн.“, изјави Никола Дујовски, универзитетски професор.

