Уште еден случај на морбили, петти по ред, е регистриран во државата, изјави денеска министерот за здравство, Сашо Клековски. Станува збор за едно и полгодишно бебе, со што морбили во државата се потврдени кај вкупно три бебиња, еден 45-годишен македонски државјанин и еден државјанин на Косово.
Клековски посочи дека се чека официјална потврда за епидемиолошката поврзаност меѓу случаите.
„Имаме прелиминарна поврзаност помеѓу странскиот државјанин и трите домашни случаи, меѓутоа би почекал епидемиолошката анализа на Институтот за јавно здравје да биде готова и да го кажеме тоа службено“, рече Клековски пред почетокот на националната консултација за новиот закон за лекови.
Одговарајќи на новинарско прашање за евентуална масовна вакцинација и проверка на картоните, тој истакна дека апелира на свеста на граѓаните бидејќи присилни мерки само го зголемуваат отпорот. Посочи дека секој треба да провери дали има две дози или прележано, додавајќи дека тој самиот тешко ги прележал сипаниците на 15 години.
„Издадовме препорака, ако се појават знаците типични за сипаница, да не одат на доктор, туку да се јават кај него бидејќи ова е еден од најзаразните вируси и заразноста опстојува два часа во воздухот, така што престој со заразени лица во чекалница, во ходници на здравствени установи, е значаен ризик за настанување епидемија. Молбата е до родителите кога ќе ги видат тие симптоми што ги објавивме да не ги носат децата во градинки и во училишта. Повикот за вакцинирање е за да се заштитат оние што не може да се вакцинираат. Значи, бебињата до 12 месеци не може да се вакцинираат. Имаме постојано една група од 15-ина илјади бебиња кои се во одреден ризик. Секако, и поповозрасната популација што не е вакцинирана“, истакна Клековски.
Министерот подвлече дека во тек се сите потребни инспекциски надзори во здравствените установи.
„Се работат и примарните и секундарните случаи, нивните патеки, веќе има инспекциски надзор во сите можни здравствени установи во кои може од аспект на примарен и секундарен контакт, така што мислам дека нивото на алармирање е значително. Нема присила затоа што тоа водеше кон изигрување на системот и слично. Апелирам на свест и самосвест на сите дека, ако не ја прележале болеста, две дози вакцина ќе ги заштитат бебињата кои не може да бидат вакцинирани и кои немаат можност да одлучат дали сакаат или не“, рече тој.
Претставникот на СЗО и шеф на Регионалната канцеларија во Северна Македонија, д-р Аким Али, нагласи дека бремените жени особено треба да се заштитат бидејќи вирусот може да доведе до конгенитални малформации.
„Главно е да се зголеми стапката на вакцинација на потребниот процент, кој изнесува 95 проценти. Нашиот процент е сè уште низок во споредба со потребното ниво, меѓутоа знам дека Министерството за здравство соработува со заедниците и со центрите за јавно здравје со цел да го зголеми да ја зголеми оваа стапка на вакцинација“, додаде Али.

