По седум години судска постапка, Бојан Јовановски, познат како Боки 13, соопшти дека е ослободен од обвиненијата во предметот „Меѓународен сојуз“. Апелациониот суд во Скопје ја преиначил првостепената осудителна пресуда и донел ослободителна одлука за него и за останатите обвинети во случајот.
Информацијата претходно ја објави неговиот адвокат Сашо Дуковски, а потоа се огласи и самиот Јовановски преку соопштение на социјалните мрежи.
„По седум години, денеска сум ослободен од сите обвиненија и огласен сум за невин!“, напиша Јовановски.
Во објавата тој ја поздрави одлуката на Апелациониот суд, а првостепената пресуда и обвинението ги оцени како „правна кривотворевина“. Јовановски упати критики и кон поранешната обвинителка Вилма Рускоска и судијката Софче Гаврилова-Ефремова, која ја донела првостепената пресуда.
Тој посочи дека изминатите седум години биле тешки за него, неговото семејство и блиските, изразувајќи благодарност до сите кои му давале поддршка во текот на целата постапка.
„Правдата е спора, но достижна! Ова е победа над злото! Благодарам на сите кои што ми беа вистинска поддршка сите овие години! Нека живее вистината и правдата“, напиша Боки 13.
Јовановски во октомври 2025 година, во повторената постапка за „Меѓународен сојуз“, беше осуден на пет години затвор за измама и перење пари. Според обвинението, преку проект за изградба на домови за стари лица биле измамени двајца бизнисмени, а дел од уплатените средства биле искористени за финансирање на телевизијата „1ТВ“ и за лични потреби.
Во првичната постапка во 2022 година, Јовановски беше осуден на девет години затвор, но Апелациониот суд во 2024 година ја укина пресудата и го врати предметот на повторно судење.

