Опозициската СДСМ денеска поднесе интерпелација за работата на Иван Стоилковиќ, министер за локална самоуправа во Владата предводена од Христијан Мицкоски.
На прес-конференција, Митко Трајчулески од СДСМ образложи дека основите за интерпелацијата се, како што рече, недозволивото и недолично однесување кон пратениците со што се руши достоинството на Собранието и политичко дејствување кое е спротивно на националните и стратешки интереси на Македонија.

„Време е за политичка одговорност на еден од извршителите на Вучиќ, на кинеските и руски агенди, за ширењето омраза и величењето воени злосторници“, изјави Трајчулески.

Од СДСМ обвинуваат за негова поврзаност со српски разузнавачки структури и активности поврзани со Русија, што според нив отвора прашање чии интереси застапува како член на Владата. Тие го потенцираа и неговото патување во Кина како дел од делегацијата на српскиот претседател Вучиќ.
Трајчулески истакна дека интерпелацијата ги опфаќа и содржините со кои се велича Ратко Младиќ, кој е осуден за геноцид.
„Луѓе кои величаат осудени воени злосторници и релативизираат воени злосторства не треба и не смеат да извршуваат јавни функции“, дециден е Трајчулески.
Како дополнителен мотив за интерпелацијата беа наведени, според Трајчулески, пцуењето, навредите и заканите во Собранието кон пратениците од СДСМ.
„Со оваа интерпелација бараме политичка одговорност и јасен одговор од парламентарното мнозинство: дали ќе го заштитат достоинството на Собранието и државните интереси или ќе го заштитат Стоилковиќ?“, запраша Трајчулески.
За останувањето на Стоилковиќ во Владата, од СДСМ сметаат дека директно е одговорен премиерот Христијан Мицкоски.

